Истражувањето насловено „Употреба на Религија во Политички Кампањи” е спроведено по завршување на парламентарните избори, во втората половина на Јули 2020. Истражувањето е направено на сличен прашалник како и претходното истражување спроведено пред околу три години, односно по завршување на локалните избори 2017, а со цел да се направи компаративна анализа и да се детектираат евентуалните промени во перцепцијата на граѓаните во изминатите неколку години. Ова истражување, како и претходните слични истражувања кои имаат за цел да ја детектираат поврзаноста на религијата со различни општествени процеси, спроведени во периодот 2016-2020, беше дел од проектот „Р. С. Македонија како мултиконфесионално општество.”
Религиозните убедувања честопати се користат од страна на политичките партии во предизборието. Религијата била секогаш една од темите на политичката кампања, а понекогаш и меѓу најзначаjните сегменти на подземната (или анонимната) негативна кампања, спроведувана од страна на повеќе политички партии во минатото, иако со различен интензитет, во зависност од политичките околности пред самите избори. Партиите ја користат религијата со цел да креираат тензиии атмосфера на конфликт со цел да мобилизираат нови гласови. На минатите парламентарни избори во 2016, некои од политичките партии отворено ја промовираа религијата како еден од главните инструменти во политичката кампања. Основната цел на ова истражувањето беше да се утврди перцепцијата на општеството за употребата и влијанието на религијата во политичките кампањи, како од аспект на користење на религијата од страна на различни политички субјекти, така и од аспект на пристапот на верските заедници кон политиката.
Истражувањето е сороведено телефонски на репрезентативен примерок од 1110 испитаници постари од 18 години. Маргиналната грешка е помеѓу +/-2.9% со 95% интервал на веродостојност.