Asset Publisher

За нас

Asset Publisher

На почеток

Основните принципи на работата на Фондацијата “Конрад Аденауер” се слободата, правдата и солидарноста. КАС е политичка фондација тесно поврзана со Христијано-демократската унија на Германија (CDU). Како ко-основач на ЦДУ и прв канцелар на Федералната Република Германија, Конрад Аденауер (1876-1967) ги обедини христијанско-социјалните, конзервативните и либералните вредности. Неговото име е симбол на демократската обнова на Германија, нејзината цврста заложба за надворешна политика поврзана со вредностите на трансатланската заедница, како и визијата за обединета Европа насочена кон социјална пазарна економија.

Неговото духовно наследство е истовремено и наша задача и наша обврска.

Во европски и меѓународен контекст работиме и продонесуваме за луѓето да можат да живеат достоинствено и слободно. Нашиот придонес е воден од вредноста која налага исполнување на растечките одговорности на Германија во светот.

Ги охрабруваме луѓето да придонесат во обликување на својата иднина во рамките на овие вредности. Со повеќе од 70 претставништва низ светот и проекти во над 120 земји, даваме несебична поддршка за промоција на демократијата, владеење на правото и социјално пазарната економија. Стремежот за мир и слобода го поттикнуваме со континуиран дијалог на национално и меѓународно ниво како и размена на искуства помеѓу различни култури и религии.

Човечките битија со нивното карактеристично достоинство, и со нивните права и одговорности секогаш се наоѓале во срцето на нашето делување. Раководени сме од убедувањето дека човечките битија претставуваат почетна точка на напорите да се постигне социјална правда и демократска слобода истовремено промовирајќи одржлива економска активност. Зближувајќи ги луѓето кои се свесни за својата одговорност во општеството, развиваме активни мрежи во политичката и економската сфера како и во самото општество. Советите кои ги нудиме втемелени преку нашето политичко искуство и знаење помагаат да се обликуваат глобализацијата и евроинтеграциите долж социјално еднакви, еколошки одржливи и економски ефикасни линии.

Партнерски соработуваме со државни институции, политички партии, невладини организаци со кои градиме силни партнерства. Особено, тежнееме да ја интензивираме политичката соработка во полето на развојот на соработката на национално и на меѓународно ниво врз темелите на нашите цели и вредности. Заедно со нашите партнери даваме придонес кон создавањето на меѓународен поредок, кој овозможува секоја земја да се развива во духот на слободата и својата одговорност.

Фондацијата Конрад Аденауер го отвори своето претставништво во Скопје на 1 јули 2000 година, во време кога Македонија беше сметана како земја-модел на Балканот. Македонија беше единствена од поранешните Југословенски републики кои на мирен начин се стекна со независност. Сепак, по објавувањето на независноста на 8 септември 1991 година, земјата речиси и да исчезна од светскиот фокус во време кога владееја насилства во соседните Хрватска и Босна и Херцеговина.

Првиот пат кога пошироката светска јавноста имаше можност да слушне за Македонија беше во 1999 година, кога земјата успеа да прими речиси 300.000 бегалци од соседното Косово, и со тоа успеа да ги заштити од злоупотреби од страна на српската полиција и војска. Како знак на почитување и на безрезервна поддршка, во март 2001 година тогашниот премиер Љубчо Георгиевски беше првиот премиер на поранешна република од Југославија, кој го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија.

Но, подоцна во истата година (2001), Македонија се најде на работ на граѓанска војна, кога Ослободителната национална армија на етничките Албанци започна со напади на полициски станици, киднапирања и зачестени бомбашки напади. Со помошта на интензивното посредништво на ЕУ и НАТО, се потпиша Рамковниот договор помеѓу двете страни на 13 август 2001 во Охрид, ставајќи му крај на конфликтот.

Оттогаш, работата на фондацијата е примарно насочена кон промоција на дијалог помеѓу различните етнии и религии. Главната цел на нашите активности е да земеме учество во градењето на граѓанското општество во Република Македонија каде постои почитување на меѓусебните интереси, каде посилните се грижат за потребите на послабите и каде секој има разбирање за државата како рамка во која секоја индивидуа може да се развие сразмерно своите можности. Откако Македонија аплицираше за членство во ЕУ на почетокот на 2004 година, фондацијата континуирано ја поддржува таа определба преку своите проекти. Потоа, на 17 декември 2005 година Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ.

Со цел да и овозможи на земјата да добие датум за преговори за влез во ЕУ и земајќи го в предвид фактот дека членствто во НАТО стануваше се поочигледно, фокусот на парламентарните избори во 2006 беше особено насочен кон прашањето дали Охридскиот рамковен договор е соодветно имплементиран за да овозможи одржување на слободни и демократски избори.

Сепак, проблематичните избори и грчкото вето од Букурешт го загрозија имплементирањето на реформите и демократизацијата во земјата. Во меѓувреме, Македонија уште еднаш ги интензивираше реформите, па според Извештајот за напредок од 2009 издаден од Европската комисија, претседателските и локалните избори беа оценети дека ги исполнуваат меѓународните стандарди и поради тоа Брисел даде препорака за започнување на преговори со Македонија. Со самото тоа и прашањето за името со Грција требаше да биде решено. Со воведувањето на визната либерализација во декември 2009 година, една од главните пречки беше отстранета, што беше важен знак од Брисел до Македонија дека членството во ЕУ е достижно. Денес, фондацијата Конрад Аденауер ја креира основата на политичкото образование ослободено од стереотипи во либерална и демократска форма. Во тие рамки, локални млади политичари, новинари и креатори на политики во општеството се информирани и образовани во пракса преку, работилници, семинари и конференции на политички, економски и социјални теми. Главниот фокус на работата на меѓународните претставништва пред се е промовирање на повеќепартискиот систем со цел овозможување на интеграција на земјите од регионот во Европските структури и да го поддржи зајакнувањето на земјата во транзиција, од стариот во новиот систем.

Asset Publisher