Анализата утврдува недоследности од три аспекти, регулаторен, човечки ресурси и функционален.
Од регулаторен аспект, анализата утврдува недоследности во вертикалната, но, пред сè, на хоризонталната усогласеност на системските закони, Законот за организација на органите на државната управа и Законот за локалната самоуправа. Оваа неусогласеност создава правна конфузија во однос на тоа дали постои уставно-правна основа за основање инспекциски служби на локално ниво и укажува на законска колизија во однос на истото прашање. Дополнително, анализата утврдува и недостиг од субординација и координација помеѓу овластените инспектори за животната средина и Државниот инспекторат за животна средина, како и помеѓу Инспекцискиот совет и овластените инспектори за животна средина.
Од аспект на човечки ресурси, анализата констатира дека постои сериозна непополнетост, но и диспропорција во однос на пополнетоста на човечките ресурси во делот на овластените инспектори за животна средина во општините. Овој наод од анализата укажува на потреба од поголема координираност и меѓуопштинска соработка за надополнување и целосно искористување на скромните постоечки капацитети. Дополнителен недостаток е кадровската политика од аспект на соодветноста на образованието кое го имаат овластените инспектори за животна средина.
На крајот е функционалниот аспект, кој, всушност, ни дава слика за тоа дали системот на инспекциски надзор на локално ниво е функционален и дали го оправдува своето постоење. Анализата констатира дека поради немање капацитети од човечки, стручен и образовен аспект системот на инспекција за животната средина на локално ниво не е целосно функционален. Како што погоре наведовме, утврдено е дека постои некоординација со Државниот инспекторат за животна средина, кој е клучен орган во оваа областа и кој поседува капацитети за спроведување инспекциски надзор на државно ниво.
Имајќи ги предвид наодите од анализата, сосема е очигледно дека постои потреба за менување на системот на инспекциски надзор на локално ниво, пред сè, поради обезбедување капацитети од секој аспект со цел да се воспостави ефикасен и ефективен систем. Оттука, доколку се земе начинот на поставеноста на целиот систем на инспекциски надзор за животната средина, можеби би било целисходно да се пристапи кон редефинирање на системот и воспоставување единствен инспекциски надзор на територијата на Република Северна Македонија за кој би бил надлежен Државниот инспекторат за животна средина, а кој на локално ниво би се вршел преку регионални канцеларии на Државниот инспекторат имајќи ја предвид регионалната организација на територијата на РСМ.