Извештаи од земјата
„Никогаш досега не сме имале вака мирни, фер и слободни избори во Македонија, како оние предмината недела“ изјави една познавачка, која што ја следи македонската политика. Навистина, не само меѓународните набљудувачи, туку и мнозинството на населението ја потврдуваат оваа радосна вест. Но, сепак тоа не им донесе политичка стабилност ниту на земјата, ниту на горчливо разочараните Македонци. Напротив, последните денови беа пример за недемократско однесување пар екселанс. Кризата во државата нема крај. Последиците би можеле да бидат и немири.
Актуелна ситуација
Во вторникот Управниот суд ја одобри жалбата на опозициските социјалдемократи (СДСМ) спротивно на одлуката на Државната изборна комисија (ДИК). Во избирачкото место бр. 2011 во северо-западната месност Теарце, општина Тетово (изборна единица 6) оваа недела ќе се прегласува, кое посекако може да ја помести поделбата на пратенички места во корист на СДСМ. Нерешениот резултат кој би можел да произлезе (секој по 50 пратенички места) би ги зголемил шансите на СДСМ за формирање коалиција. Од 714 регистрирани гласачи во Теарце на СДСМ ѝ се потребни вкупно 304 гласови за да ја претекне досегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 6. Дали е тоа реално, не може никој да предвиди, затоа што само 87 гласачи гласаа за социјалдемократите. Но, всушност тоа и не игра никаква улога. Партијата на долгогодишниот премиер Никола Груевски уште пред одлуката на Управниот суд одби секакво учество во прегласувањето - грубо непочитување на изборното право.
Игнорирање на волјата на гласачите
Со губењето на 19 пратенички места, гласачите ѝ испратија силен сигнал за промени на владејачката коалиција, сигнал кој пред сè не се прифаќа од ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се иницираат внатрепартиски реформи, се прави обид да се задржи еродираната власт. Со објавата на „Прогласот усвоен од највисокото партиско тело” и говорот на Груевски пред седиштето на ДИК минатата сабота се попречува легитимноста на Изборната комисија и Управниот суд, нивните членови се дезавуираат и се затвора вратата за меѓународната заедница. Останува нејасно, зошто партискиот врв, без потреба, уште пред одлуката за доставените жалби на опозицијата, го направи овој чекор во јавноста. Очигледно не постои доверба во државните институции.
„Непријателски имиџ” странство
Да се критикува политичката улога на некои од амбасадите и не секогаш успешната посредничка улога на ЕУ е легитимно. Но, сепак да се обвинуваат амбасадори и претставници на странски организации за општо мешање во внатрешните државни работи и особено, нивно директно влијание врз членови на ДИК, претставува проѕирен маневар за одвлекување на вниманието од сопствените проблеми. Заканата со нови финансиски регулативи за „подредување” на странските невладини организации нема да донесе успех. Демократијата мора да поднесе спротивно мислење.
Сценарија
Во овие тешки времиња прогнозите имаат краткотрајна вредност. Клучна улога во ситуација кога имаме две изедначени противтежи на вагата може да одиграат четирите меѓусебно раскарани албански партии. Сè побројни се сигналите дека совладејачката ДУИ нема да влезе во нова коалиција со конзервативците, поради високите загуби и внатрепартиските дискусии кои произлегоа од ваквиот исход. СДСМ за прв пат се отвори за албанските гласачи. Дали ова беше успешен шаховски потег допрва ќе се види. Коалиција во која влегуваат пет политички партии би го поседувала потребното мнозинство. Средбата на лидерите на четирите албански партии со Премиерот на Албанија Еди Рама во Тирана предизвика зачуденост кај Македонците. Можни соништа за Голема Албанија не поминуваат добро со Скопје.
Наредните недели ќе бидат возбудливи. Сè е можно, од нови парламентарни избори заедно со локалните избори на пролет, па се до отворена борба за власт. Никој не може да гарантира дека ќе остане мирно. И додека обичните граѓани само гневно набљудуваат, располо-жението кај партиските приврзаници е мошне тензично. Партиските лидери имаат обврска да бидат воздржани во реториката, да делуваат смирувачки пред своите поддржувачи и да не го закопуваат легитимитетот на државните институции.
Заклучок
Излезеноста на изборите беше висока, 66,80% (2014: 62.96%). Избирачите покажаа зрелост и со својот глас го опоменаа политичкиот естаблишмент дека сакаат промени. Последните случувања и понатаму не одат во прилог на јасно изразената волја на народот за политичка стабилност и нормализирање на состојбите. Се чини дека личните интереси се поважни од добробитта на заедницата. Македонија завлегува во уште подлабока криза.