Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје во 2014 година започнаа со воспоставување лонгитудинална база на податоци за јавната поддршка на пристапниот процес и членството на Република Северна Македонија во ЕУ. Оваа база на податоци се сосредоточува на две димензии на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ коишто се адресираат во секое годишно истражување, а чиешто мерење се ефектуира преку користење идентична батерија анкетни прашања. Ваквата акумулација на споредливи податоци го отвора патот за воспоставување посериозни лонгитудинални анализи на поддршката за членството на Северна Македонија во ЕУ. Притоа, како надополнување на овој унифициран дизајн, секое годишно истражување понатаму го испитува и јавното мислење за евроинтеграцискиот процес, низ призма на актуелни теми специфични за конкретни временски периоди.