Публикација
Кризата која беше поттикната од вирусот КОВИД-19 неминовно имаше свои влијанија и врз средното образовние во Северна Македонија, посебно во начинот на одвивање на наставата. Наместо редовна настава, речиси целото последно тримесечје од учебната 2019/2020 година се одвиваше преку т.н. настава со далечинско учење. Дополнително, новата учебна 2020/2021 година исто така започна со моделот на настава на далечина.
Но колку овој модел на образование е на линија со правото на образование дефинирано во Универзалната декларација за човековите права на Обединетите нации, со начелата на квалитетно и инклузивно образование и со законската одредба за бесплатно средно образование за секој ученик?
Правото на образование е универзално право на секое дете, па затоа, како во редовниот образовен процес, така и во сите други модели на настава, мора да се земе предвид и да се гарантира дека новиот модел ќе биде еднакво приспособен и достапен за секој ученик. Тоа значи дека при креирањето на истиот треба да се земат предвид условите (технички и социјални), можностите и потребите на ученикот, како и ризикот од продлабочување на социјалниот јаз помеѓу учениците, а особено да се внимава на состојбите во кои се наоѓаат децата и младите од социјално загрозени категории и со помалку можности.
Важно е да се напомене дека, согласно Законот за средно образование, на секој ученик мора да му се обезбеди бесплатно средно образование во средните училишта. Ова значи дека при промената на образовниот модел или воведувањето на нов модел, како моделот на далечинско учење, треба да се гарантира начелото на бесплатно образование, односно дека учениците нема да подлежат на финансиски трошоци.
Здружението Лидери за едукација, активизам и развој и Фондацијата Конрад Аденауер веќе 5 години заедно работат на теми поврзани со средното образование, како што се ученичко учество и дигитализација во образованието. Новонастанатото далечинско учење побуди посебен интерес за истражување од аспект на негова успешност, ефективност и предизвици во неговото имплементирање. Па така, во месец јули 2020 година беше објавено првото истражување за предизвиците од спроведувањето на далечинското учење во последното тримесечје од учебната 2019/2020 година.
Ова истражување претставува продолжение на истото со фокус на првото полугодие од учебната 2020/2021 година. Имајќи ја предвид ситуацијата со КОВИД-19 и можните сценарија за продолжување на далечинската настава и во второто полугодие, со ова истражување сакаме да дадеме свој придонес пред сè кон подобрување на искористеноста на дигиталните алатки како надополнување на редовниот образовен процес и подобрување на практиките за далечинско учење во услови на спреченост на редовната настава.
Следствено на ова, целите на истражувањето се:
- Да се идентификуваат начините и фреквенцијата на одвивање на далечинското учење во првото полугодие од учебната 2020/2021;
- Да се идентификуваат најдобрите практики и предизвици во спроведувањето на далечинското учење;
- Да се генерираат препораки за подобрување на далечинското учење во редовната настава