Asset Publisher

Публикација

Меѓународни предизвици 2023

Истражување на јавното мислење

Антиципирајќи ја важноста на општите и на партикуларните глобални тенденции врз развојот на Северна Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер ја издаде публикацијата: „Меѓународни предизвици 2023 (Истражување на јавното мислење)“.

Asset Publisher

На почеток

External challenges, impacts and relationships

Публикацијата има за цел да го анализира расположението на македонската јавност во однос на најважните предизвици и дополнително да ги разјасни трендовите на движењето на таквото расположение низ хронолошка повеќегодишна перспектива која се темели на добиените резултати од претходно спроведените истражувања на јавното мислење издадени од страна на Фондацијата во 2021 и 2022 година – „30 години независност“ и „30 години надворешна политика и одбрана“

Испитувањето на јавното мислење беше спроведено кон крајот на мај 2023 година.

Големината на примерокот вклучува 1 111 испитаници, со почитување на клучните демографски карактеристики, односно пол, возраст над 18 години, образование и етничка припадност, географска избалансираност и партиско-политичка афилијација на испитаниците.

При спроведување на истражувањето е користена  квантитативна истражувачка методологија на собирање  податоци (преку телефонска анкета), што овозможува веродостојно и прецизно скенирање на ставовите на генералната популација.

Маргиналната грешка се движи помеѓу +/- 2,9 %, со 95 % интервал на веродостојност.

Анкетата е спроведена од Институтот за политички истражувања (ИПИС).

Прашалникот се состои од прашања кои во најголем дел се конципирани во форма на тврдење со кое секој испитаник може да избере дали се согласува или не се согласува, при што за секое прашање се стратифицираат одговорите на испитаниците врз основа на клучните демографски параметри.

Прашањата може да се поделат во седум групи:

Во првата група се поместени прашања што се однесуваат на членството на Северна Македонија во НАТО;

Во втората група се поместени прашања со кои се утврдуваат ставовите на испитаниците за интеграцијата на државата во Европската Унија;

Во третата група се поместени прашања со кои се испитуваат трендовите на поддршката на испитаниците на меѓународните договори важни за Северна Македонија, односно Преспанскиот договор со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, како и Иницијативата „Отворен Балкан“;

Во четвртата група се поместени прашања што се однесуваат на влијанието на поважни надворешни предизвици врз безбедноста на Северна Македонија;

Во петтата група се поместени прашања што се однесуваат на односите на Северна Македонија со други поважни држави и сојузи;

Во шестата група се поместени прашања што се однесуваат на карактерот на влијанието на селектирани држави и сојузи врз внатрешните политички, економски и безбедносни прилики во Северна Македонија;

Во седмата група, пак, се поместени прашања со кои се расветлуваат ставовите на граѓаните за руската воена агресија врз Украина.

Врз основа на резултатите од истражувањето може да се изведат следните покарактеристични заклучоци:

Поддршката на членството на Северна Македонија во НАТО од 2021 година континуирано се зголемува правејќи кумулативна позитивна разлика од 5,9 % и во апсолутна смисла денес таа изнесува 65,7 %;

62,3 % ги поддржуваат европските интеграции на Северна Македонија, што претставува резултат кој е на скоро исто ниво од претходното истражување во 2022 година, кога таа поддршка изнесуваше 62,8 %;

Во однос на времето кога Северна Македонија ќе се зачлени во ЕУ, најголемата група ја сочинуваат испитаниците што сметаат дека тоа нема да се случи никогаш, односно 39,3 %, што споредено со 2022 година оваа група има раст од 11,3 %; дека членството во ЕУ ќе се оствари за 10 години сметаат 14,9 %; дека членството ќе се случи за 10 – 20 години сметаат 11,3 %; дека ќе се случи за 5 години сметаат 8,5 %, додека 18,1 % изјавиле дека не знаат, односно немаат одговор;

36,3 % го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција, а 37,2 % сметаат дека овој договор ги подобрил македонско-грчките односи, што споредено со 2022 година претставува раст од 6,6 %;

59 % не го поддржуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, што споредено со 2021 претставува раст од 13,6 %. Истовремено 67,3 % сметаат дека по потпишувањето на овој договор македонско-бугарските односи се влошиле, што споредено со 2022 година претставува раст од 10,2 %;

68 % ја поддржуваат иницијативата за соработка помеѓу Северна Македонија, Албанија и Србија „Отворен Балкан“, што споредено со 2022 година претставува раст од 2,3 %;

На група засебно поставувани прашања за безбедноста, кои се однесуваат на широк круг на надворешни состојби што влијаат врз безбедносните состојби во државата, 92,3 % сметаат дека организираниот криминал претставува најголема закана за Северна Македонија, по што следуваат потенцијалните нови здравствени епидемии кои како опасност ги чувствуваат 84,9 % од испитаниците, па лажните вести со 82,5 %, хибридните закани од други држави со 79 %, напливот на мигранти со 76,4 % и враќањето на борците од странски боишта во државата, што како најголема опасност за Северна Македонија го сметаат 70,7 % од испитаниците;

На група засебно поставувани прашања посветени на квалитетот на билатералните односи на земјата со селектирани држави, на врвот се наоѓаат Србија, за која 88,1 % сметаат дека има добри односи со Северна Македонија, и Турција, за која 84,3 % сметаат дека има добри односи со Северна Македонија. Следни во горниот дел од табелата се Германија со 77,4 %, Албанија со 66,3 %, Косово со 65,7 % и САД со 62,2 % позитивни перцепции. На најдолниот дел од табелата се Бугарија и Русија, за кои само 18,3 %, односно 16,5 % сметаат дека имаат добри билатерални односи со Северна Македонија;

На група засебно поставувани прашања за влијанието на селектирани држави врз внатрешните политички, економски и безбедносни прилики во Северна Македонија, испитаниците како најпозитивно го оценуваат влијанието на Турција со 58 % позитивни впечатоци за политичкото, 66,1 % за економското и 60,3 % за безбедносното влијание во Северна Македонија; потоа следна на табелата е Европската Унија со 38,7 % позитивни впечатоци за политичкото, 41,6 % за економското и 41,2 % за безбедносното влијание во Северна Македонија; трети на оваа скала се САД со 37 % позитивни впечатоци за политичкото, 38,8 % за економското и 41 % за безбедносното влијание во Северна Македонија; претпоследното место во оваа табела ѝ припадна на Кина со 28,7 % позитивни впечатоци за политичкото, 36,8 % за економското и 29,6 % за безбедносното влијание во Северна Македонија; најмалку позитивни оценки испитаниците даваат за влијанието на Русија, со 17,5 % позитивни впечатоци за политичкото, 18,9 % за економското и 18,2 % безбедносното влијание врз Северна Македонија;

53,7 % ја оценуваат руската воена агресија врз Украина како неоправдана и неприфатлива, наспроти 29,3 % кои ја оцениле како оправдана и прифатлива, што претставува разлика од 24,4 % во корист на првата група. Споредено со 2022 година, за 3,3 % е зголемен бројот на испитаниците  што сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, но истовремено за 3,1 % е зголемен бројот на испитаниците што ја оправдуваат агресијата врз Украина. Во оваа смисла, за разлика од минатогодишното истражување, може да се заклучи дека денес испитаниците имаат појасни ставови за војната во Украина, бидејќи зголемувањето на првата и на втората група е на сметка на испитаниците што претходно одговориле дека немаат одговор, односно не знаат.

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher