Asset Publisher
СТИПЕНДИИ
Asset Publisher
Фондацијата Конрад Аденауер, водена и посветена од принципите на првиот Федерален канцелар на Германија, е политичка фондација која оперира со два образовни центри и 21 образовна институција во Германија. Глобално, нашите претставништва имплементираат над 200 проекти во повеќе од 120 земји ширум светот. Седиштето на фондацијата е лоцирано во Берлин и во Свети Августин близу Бон.
Во Германија и низ светот промовираме политичка едукација и дијалог, засновани на принципите на слобода, правда и солидарност. Нашиот фокус е насочен кон зајакнување на демократијата, промовирање на Европската интеграција, интензивирање на трансатланските односи и имплементирање на развојни политики преку соработка.
Фондацијата ја отвора својата канцеларија во Скопје на 1 јули 2000 година.
Во рамките на својата стипендиска програма Фондацијата доделува стипендии на талентирани студенти кои се запишани на студии на еден од универзитетите во Република Северна Македонија. Од кандидатите се очекува да покажат интерес и ангажман во политичкиот и/или општествен живот, како и посветеност кон демохристијанските вредности. Програмата има за цел да идентификува и поддржи млади, талентирани луѓе, кои понатаму успешно ќе бидат вклучени во сите сфери на општеството: политиката, бизнисот, науката, медиумите, културата и граѓанските организации.
Апликантите треба да ги исполнат следните критериуми:
•Да бидат прифатени на студии на еден од акредитираните универзитети во Република Северна Македонија (потврдата за упис во тековниот семестар може да биде доставена дополнително);
•Да покажат солидни резултати за време на студиите;
•Да имаат познавање од минимум еден странски јазик;
•Да бидат активни во општествениот и/или политичкиот живот на земјата;
•Да покажат одлучност позитивно да влијаат врз политичкот, економскиот, образовниот или општествениот развој на земјата;
•Да покажат потенцијал за достигнување на највисоката позиција во својата кариера.
Потребни документи за апликација:
•Формулар за апликација (објавен на веб-страната на Фондацијата);
•Кратка биографија на англиски или германски јазик;
•Мотивациско писмо на англиски или германски јазик;
•Две препораки, од кои најмалку едната да биде од професор на универзитетот кој кандидатот го посетувал;
•Уверение/потврда за завршени додипломски студии (доколку кандидатот е запишан на магистерски студии);
•Потврда од факултет дека кандидатот е запишан на соодветните студии (потврдата може да биде доставена дополнително, по истекот на рокот за аплицирање).
Само селектираните кандидати ќе бидат поканети на интервју во Фондацијата Конрад Аденауер. Формуларите за апликација, како и дополнителни информации во врска со стипендирањето се достапни на линкот кој се наоѓа во десниот агол на овој прозорец.
Апликациите може да бидат доставени по пошта, електронски или лично на следната адреса:
Фондација Конрад Аденауер
Ристо Равановски 8
MK-1000 Скопје
Email: skopje@kas.de
Рок за доставување на апликации е 10 октомври 2024 год.
Ве молиме имајте во предвид дека апликациите пристигнати по наведениот рок нема да бидат земени во предвид.