Семинарот беше отворен од страна на Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, кој истакна дека Германија е силно заинтересирана за продолжувањето на евроинтегративниот пат на државата. Браун ја подвлече поддршката која КАС ја дава за јакнење на капацитетите на повеќе структури од ВМРО-ДПМНЕ, преку пратеничката група, па се до младите и жените. Ова ќе допринесе за подобро функционирање на Собранието.
На отворањето, свое обраќање имаше и Петер Бајер, пратеник во германскиот Бундестаг, кој преку видеоконференциска врска ја поздрави соработката помеѓу двете држави, но и значењето кое КАС го има кон градењето на капацитетите во државите во кои фондацијата е присутна. Бајер ја искажа својата и германската искрена поддршка на државата и на ВМРО-ДПМНЕ во обидите за продолжување на евроинтегративниот пат. Истакнувајќи ја важноста на пристапувањето, Бaјер заклучи дека Бугарија не треба да го блокира македонскиот пат кон ЕУ поради билатерални прашања.
На отворањето, свое обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој, заблагодарувајќи се на соработката со КАС, истакна дека е огромна важноста земјата да пристапи кон Европската унија, а кочењето и непринципиелните блокади од соседна Бугарија во најголем дел се однесуваат на 19 век и немаат никаква врска со европските вредности и со иднината на двете држави. Мицкоски се задржа на три клучни аспекти за понатамошниот развој на државата – силна и стабилна економија во функција на задржување на младите, силно образование и квалитетно здравство кои создаваат здрава нација способна да носи развој, како и нова генерација на политички чинители кои ќе се борат против корупцијата и криминалот.
На присутните им се обрати и Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, кој се осврна на важноста и долготрајноста на соработката на КАС и ВМРО-ДПМНЕ во последните две децении. Тој се заблагодари на досегашната поддршка која КАС ја дава на пратеничката група, и ја искажа надежта дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина.
На отворањето се обрати и Жаклина Пешевска, пратеничка и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која ја истакна важноста на учеството на жените во носењето одлуки, како и во сите тела на делување. Заблагодарувајќи се на досегашната поддршка од КАС, Пешевска повика на поголема вклученост на жените на листите за градоначалници и советници, но не само како квантитет туку и со својот квалитет и додадена вредност.
Поздравните обраќања ги заврши Стефан Андоновски, раководител на ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“. Според Андоновски, овој настан на интерактивен начин, низ дискусии, споделување искуства и аргументи, но и со отворањето на новите теми – како што е зелената економија и дигитализацијата – учесниците ќе добијат сознанија за правците во кои се движи глобалната политика.
Во работниот дел на тридневниот семинар, свои обраќања имаа и неколку истакнати македонски и германски политичари и експерти. Владимир Ѓорчев, поранешен пратеник, член на Извршен комитет и Секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за очекувањата на граѓаните од своите пратеници, но и како политичките пораки да се пренесат на најефикасен начин кон избирачите. Андре Алгермисен, Советник за клима, земјоделство и животна средина во КАС, се осврна на зелените политики, фокусирајќи ги партиите од десниот центар кон иновации во носењето одлуки во областа на земјоделство и екологија. На настанот се обрати и Танкред Шипански, пратеник во германскиот Бундестаг и портпарол за дигитална политика на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ, кој се фокусираше на Дигиталната агенда и важноста на дигиталните промени за ефикасно владеење. За позицијата на жените во политиката, но и квалитетното претставување на жените и застапувањето на интересите на жените, дискутираа Лили Фишер од советничката група на ЦДУ во Советот на градот Ерфурт и Ана Крстиновска од Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности – ЕСТИМА. Драган Секуловски, од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), ја отвори дискусијата за партиски дезинформации, и развој на методи и начини за нивно препознавање и спречување. Љупка Наумовска од Rennes School of Business се осврна на трансформирањето на институционалниот (политички) маркетинг, кое во својата суштина е политичкото лидерство во дигиталната ера. Поранешниот пратеник и сегашен професор на Правниот факултет “Јустинијан први” – Скопје, Александар Спасеновски се осврна на позицијата на законодавната власт (Собранието) во системот на поделба на власта, пренесувајќи корисни искуства и статистички показатели.