Asset Publisher

Извештаи за настани

Регионална летна школа 2024

Општество и религија: етнички групи, идентитет и национализам

Регионалната летна школа 2024 „Општество и религија: етнички групи, идентитет и национализам“, се одржа помеѓу 17. -20. Јуни 2024 година во Скопје. Настанот обедини 20 студенти од Југоисточна Европа, со цел да дискутираат на повеќе општествени и религиозни прашања во рамки на неколкудневните активности кои вклучуваа серија на предавања и студиски посети на институции и организации од земјата.

Asset Publisher

На почеток

Настанот има за цел да им обезбеди на учесниците сеопфатно разбирање за односот помеѓу општеството и религијата, да го истражи етничкиот идентитет и национализмот како и да ја истакне улогата на образованието, медиумите и значењето на културното наследство во поттикнувањето на мирољубиви и инклузивни општества.

Летната школа започна со официјално отворање од страна на Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер и Георгиос Димакос од Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс, кои ја истакнаа важноста од дијалог и разбирање помеѓу младите кои доаѓаат од регионот.

Ненад Марковиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје одржа предавање на тема „Преиспитување на безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа: заложби за траен мир“, фокусирајќи се на безбедносните предизвици во Југоисточна Европа и стратегиите за постигнување долгорочен мир.

Активностите продолжија наредниот ден со студиска посета на Собранието на Северна Македонија каде што се одржа панел дискусија на тема „Националните парламенти како гарант во заштитата на човековите права“ со учество на пратеничките Марија Петрушевска и Марија Митева и модерација на Томе Гушев од Парламентарниот Институт. Дискусијата која што следеше ја истакна улогата на националните парламенти во поддржувањето на човековите права и демократските принципи во земјите од регионот.

Во следната сесија Коста Милков од Балканскиот институт за вера и култура во Скопје одржа предавање на тема „Улогата на образованието во градењето мирољубиви општества“, кој воедно ја нагласи улогата на образованието во поттикнувањето на разбирање, толеранција и мирен соживот во мултикултурните општества.

Попладневните активности започнаа со Билјана Настеска-Каланоска и Верче Костовска од Здружението на новинари од Скопје, кои зборуваа на тема „Улогата на медиумите во градењето на јавното мислење и општествените промени“. Во рамки на дискусијата се анализираше степенот на влијание на медиумите врз креирањето на јавното мислење и нивниот потенцијал во поттикнувањето општествени промени.

Вториот ден од програмата заврши со студиска посета на Меморијалниот центар на Холокаустот каде Горан Садикаријо за време на посетата на Меморијалниот центар ги запозна учесниците со традицијата и културата на Еврејската заедница како и со историјата на холокаустот на Евреите, нагласувајќи ги моралните вредности на сеќавањето.

Следниот ден учесниците имаа можност да го посетат Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и да го проследат предавањето на проф. д-р Александар Спасеновски на тема „Националниот идентитет и политиките на мултикултурализмот“. Подоцна следеше дискусија за елементите кои го сочинуваат националниот идентитет и политичките импликации на мултикултурализмот во земјите од регионот.

Во следниот дел од денот, остваривме посета на значајни верски храмови кои им овозможија на учесниците да се запознаат со културната и религиозната разновидност на земјата. На почетокот беше остварена студиска посета на Мустафа-пашината џамија каде Агрон Војника од Исламската верска заедница зборуваше за интегративните вредности на исламската вера во поширокото културно наследство на регионот. Потоа следеше посета на Соборниот православен храм „Св. Климент Охридски“ и разговор со Дарко Анев од Православниот Богословски факултет за улогата на Православната Црква во зачувувањето и унапредувањето на културното наследство.

Како завршна активност на програмата, при посетата на Младинската асоцијација ЛЕАД заедно со Илија Станковски учесниците разговараа за важноста на младинското учество во развојот на заедницата и неопходноста од младинско учество во спроведувањето на локални иницијативи.

Регионалната летна школа 2024 успешно ги постигна своите цели, овозможувајќи платформа за дијалог и запознавање помеѓу младите од регионот. Учесниците во рамки на активностите имаа можност да научат повеќе за комплексниот однос помеѓу општеството, религијата и националниот идентитет. Дополнително, преку студиските посети присутните можеа подобро да се запознаат со културната и религиозната разновидност на регионот. Летната школа исто така отвора можност за проширување на мрежата на млади лидери кои се заложуваат  за промоција на мир и соработката во Југоисточна Европа.

Летната школа се организира девет години по ред во заедничка соработка помеѓу Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс. Овој настан е наменет за млади студенти и истражувачи кои доаѓаат од десет земји од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Словенија.

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Robert Janev

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

robert.janev@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher