Публикацијата е составена од теоретска анализа и од испитување на јавното мислење и има за цел да фрли дополнително светло врз овие два аспекта од најновата историја на државата.
Испитувањето на јавното мислење беше спроведено во текот на месец август 2022 година.
Големината на примерокот вклучува 1111 испитаници, со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики (пол, возраст над 18 години, етничка припадност, професија и образование), со истовремено почитување на соодветната географска балансираност.
При спроведувањето на истражувањето користена е квантитативна истражувачка методологија на собирање на податоци (преку телефонска анкета), што овозможува веродостојно и прецизно скенирање на ставовите на генералната популација.
Маргиналната грешка се движи помеѓу +/- 2.9% со 95% интервал на веродостојност.
Анкетата е спроведена од Институтот за политички истражувања (ИПИС).
Прашањата може да се поделат во шест групи:
Прашања од општ карактер кои имаат за цел да ги утврдат генералните ставови на испитаниците за надворешната политика и одбраната на државата, како и за институциите што се задолжени за нивното спроведување;
Прашања со кои се утврдуваат ставовите на испитаниците за личностите што изминатите три децении беа избирани да бидат претседатели на државата, заради тоа што водењето на надворешната политика и одбраната претставуваат клучни надлежности на оваа институција;
Прашања што се однесуваат на европските и евроатланските интеграции;
Прашања што се однесуваат на односите на државата со други поважни држави во соседството и од светот;
Прашања што се однесуваат на дел од актуелните предизвици во надворешната политика и во одбраната;
Прашања кои се однесуваат на иднината на Северна Македонија.
Врз основа на резултатите од истражувањето, може да се изведат следните покарактеристични заклучоци:
За водењето на надворешната политика на државата и за професионалноста на Армијата изминатите три децении, средната оценка на испитаниците на скала од 1 до 5 е 2.52, односно 3.37. Видливо повисоката оценка за Армијата наспроти водењето на надворешната политика, може да се доведе во врска со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.
45.6% од испитаниците сметаат дека изминатите три децении Северна Македонија не успеа да изгради професионална дипломатска служба (наспроти 21.8% кои имаат спротивното мислење). Од друга страна, пак, 57.8% од испитаниците позитивно ја оценуваат улогата и достигнувањата на Армијата (наспроти 24.7% кои имаат спротивно мислење). Заклучокот е дека видливо е поголема довербата во Армијата и во институциите задолжени за одбраната споредено со дипломатската служба.
Во однос на водењето на надворешната политика и одбраната, од сите претседатели на државата, на скалата од 1 до 5 испитаниците највисоко го оценуваат вториот претседател, Борис Трајковски кој има средна оценка 4.28. Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров има средна оценка од 4.1, третиот претседател Бранко Црвенковски е оценет со 3.02, средната оценка на четвртиот претседател на државата, Ѓорге Иванов е 3.11, додека актуелниот претседател Стево Пендаровски има средна оценка 2.81.
64.2% од испитаниците го поддржуваат членството на Северна Македонија во НАТО, што претставува сооднос од 2:1 во прилог на поддржувачите. Исто така, 56.2% од испитаниците сметаат дека со зачленувањето во НАТО Северна Македонија е побезбедна и постабилна.
62.8% од испитаниците се за членство на Северна Македонија во ЕУ. Овој процент иако е сé уште многу висок, видливи се јасни негативни трендови споредено со првите две децении од независноста.
Кумулативно, 40.2% од испитаниците причината за неуспехот на државата за членство во ЕУ ја наоѓаат во домашните слабости наспроти 19.2% кои причините ги наоѓаат во надворешните фактори.
Најпозитивни впечатоци испитаниците имаат за квалитетот на меѓусебните односи на Северна Македонија со Турција, со 71.6%; со Србија, со 68.6% и со Германија, со 64.3%.
Најнегативни впечатоци има за меѓудржавните релации со Русија и со Бугарија за кои 59.3%, односно 52.5% од испитаниците сметаат дека имаат лоши билатерални односи со Северна Македонија.
57.1% од испитаниците го отфрлаат т.н. „француски предлог“ кој беше предуслов за тргнување на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, наспроти 27.2% кои истиот го прифаќаат, што претставува разлика од приближно 30% во корист на противниците на овој документ. Македонско-бугарските односи се на едно долно рамниште, што може да има негативен одраз и врз квалитетот на елементарна комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави.
Во однос на Грција, 36.5% од испитаниците изјавуваат дека го поддржуваат Преспанскиот договор; 30.6% од испитаниците сметаат дека после надминувањето на спорот со името македонско-грчките односи имаат видливо подобрување; 30% од испитаниците изјавиле дека сметаат дека решавањето на спорот со името има позитивно влијание и врз одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА, на 9 мај 2022 година. Македонско-грчките односи се карактеризираат со една позитивна динамика иако сé уште постои изразена воздржаност.
64.6% од испитаниците сметаат дека Германија е силен политички поддржувач и сојузник, а 66.6% дека е и важен економски партнер на Северна Македонија. Германија заедно со САД се два покарактеристични примери за една континуирана, стабилна доверба во однос на квалитетот на односите што овие земји ги имаат со Северна Македонија.
Во однос на перцепциите за тоа која држава е најголем сојузник на Северна Македонија, 37.4% сметаат дека тоа е Србија, 24.1% немаат одговор, додека 19.8% сметаат дека тоа се САД. Подолу на оваа табела на држави-сојузници се наоѓа и Турција за која 5.8%, како и Германија за која 5.4% од испитаниците сметаат дека се најголеми пријатели на Северна Македонија.
Во однос на тоа која држава е најголем непријател на Северна Македонија, 44% од испитаниците сметаат дека е Бугарија, додека 12.1% дека е Русија.
50.4% од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, додека 26.2% сметаат дека е оправдана и прифатлива, што претставува сооднос од 2:1 во однос на првата група.
65.7% од испитаниците го поддржуваат проектот „Отворен Балкан“, додека 15% не го поддржуваат, што значи дека за 50.7% е поголем бројот на испитаниците што ја поддржуваат оваа форма на поблиска соработка помеѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.
На прашањето кога сметате дека Северна Македонија ќе се зачлени во ЕУ, 28% од испитаниците изјавиле дека тоа нема да се случи никогаш, што претставува најбројната група, додека 23.7% својот песимизам го манифестирале преку одговорот дека не знаат кога ќе се случи тоа, односно дека немаат одговор. Наспроти овие групи се наоѓаат пооптимистичките испитаници. Така, 7.4% изјавиле дека членството на државата во ЕУ ќе се случи за 20 и повеќе години, 10.4% за 10-20 години, 15.5% за 10 години и 13% за 5 години. Од одговорите на испитаниците видлив е длабок песимизам за членството на Северна Македонија во ЕУ, како и за брзината на остварувањето на оваа стратешка цел. Надминувањето на билатералните пречки и отворањето на една јасна перспектива за динамична интеграција на Северна Македонија без дополнителен застој, извесно е дека ќе резултира и со корегирање на впечатоците на граѓаните во позитивна смисла во однос на самата Унија, како и во однос на времето на зачленување.