Asset Publisher

Публикација

Ставови и перцепции за војната во Украина

Aнализа и истражување на јавното мислење

Антиципирајќи ја рефлексијата на руската воена агресија во Украина врз вкупните безбедносни, политички и економски состојби, Фондацијата Конрад Аденауер ја издаде публикацијата: „Ставови и перцепции за војната во Украина (Aнализа и истражување на јавното мислење)“.

Asset Publisher

На почеток

Attitudes and Perceptions about the War in Ukraine

Публикацијата е составена од теоретска анализа и од испитување на јавното мислење и има за цел да ја расветли позицијата на институциите на Северна Македонија, на клучните политички партии и политичари, како и на јавноста во целина во врска со оваа тема.

Испитувањето на јавното мислење беше спроведено во средината на ноември 2022 година.

Големината на примерокот вклучува 1121 испитаник, со почитување на клучните демографски карактеристики, односно пол, возраст над 18 години, образование и етничка припадност; географската избалансираност; партиско-политичка афилијација на испитаниците.

При спроведувањето на истражувањето е користена  квантитативна истражувачка методологија на собирање податоци (преку телефонска анкета), што овозможува веродостојно и прецизно скенирање на ставовите на генералната популација.

Маргиналната грешка се движи помеѓу +/- 2,9 % со 95 % интервал на веродостојност.

Анкетата е спроведена од Институтот за политички истражувања (ИПИС).

Прашалникот се состои од контролно прашање и главни прашања. Со првото, контролно прашање беше утрвдуван степенот на информираност на испитаниците за војната во Украина, при што анкетата беше спроведувана само со оние испитаници кои одговорија потврдно на првото прашање.

Главните прашања од анкетата може да се поделат во четири групи:

Во првата група се поместени прашања од општ карактер и со нив се утврдуваат ставовите на испитаниците во врска со прашањето на вината, на мотивите и на ефектите на војната во Украина;

Во втората група се поместени прашања што се однесуваат на економските санкции врз Русија, како и на помошта во оружје и опрема за Украина;

Во третата група се поместени прашања што се однесуваат на ефектите кои војната во Украина ги предизвикува врз животниот стандард на граѓаните на Северна Македонија;

Во четвртата група се поместени прашања од сумарен карактер што се однесуваат на времетраењето на војната во Украина, на нејзиниот исход, како и на последиците што таа ќе ги остави врз светот во целина.

Врз основа на резултатите од истражувањето, може да се изведат следните покарактеристични заклучоци:

55,2 % од испитаниците немаат разбирање за мотивите на Русија да отпочне воени дејствија во Украина. Со вкрстување на одговорите на испитаниците со нивната партиска афилијација, се диференцираат две групи. Во првата група влегуваат испитаниците што не ја оправдуваат воената агресија на Русија врз Украина, при што највисоко ниво на неодобрување на руската воена агресија врз Украина има кај симпатизерите на ДУИ (64,3 %), по што следуваат симпатизерите на Алијанса за Албанците (61,85 %), на СДСМ (55,8 %), на Алтернатива (53,3 %), на ВМРО-ДПМНЕ (52,6 %) и на БЕСА (44,4 %). Во втората група, пак, влегуваат оние испитаници што ја оправдуваат воената агресија на Русија врз Украина, при што највисоко ниво на одобрување на руската воена агресија врз Украина има кај симпатизерите на партијата Левица (56,1 %);

21,9 % од испитаниците сметаат дека одговорноста за избувнувањето на војната во Украина е исклучиво на Русија, 4,1 % сметаат дека одговорноста лежи во самата Украина, додека 16,8 % сметаат дека подеднакво се одговорни и Русија и Украина. Исто така, 19,4 % од испитаниците не можат да утврдат кој е виновен, додека 37,8 % сметаат дека тоа е некој друг;

88,4 % од испитаниците одговориле дека војната во Украина им предизвикала негативни чувства, односно чувство на страв, шок, неверување, тага, гнев итн.;

49,5 % од испитаниците изјавиле дека поради војната во Украина нивната лична безбедност и безбедноста на државата е влошена;

61,2 % од испитаниците изјавиле дека не ја оправдуваат помошта во оружје и опрема што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина. Исто така, 61,6 % од испитаниците изјавиле дека не ги оправдуваат економските санкции на Северна Македонија врз Русија. Споредбата на одговорите од првиот дел со одговорите од овој дел упатува на заклучокот дека граѓаните ја осудуваат руската воена агресија врз Украина, но покажуваат резервираност во врска со вмешувањето на Северна Македонија преку помош во оружје и опрема за Украина, како и преку економски санкции врз Русија;

63,9 % од испитаниците сметаат дека војната во Украина има големо влијание врз зголемените цени на електричната енергија, 69,2 % врз зголемените цени на горивата во земјата, 66,6 % врз зголемените цени на прехранбените производи, а 67,6 % од испитаниците сметаат дека војната во Украина има големо влијание врз нивото на инфлација во Северна Македонија;

Во однос на тоа уште колку ќе трае војната во Украина, забележлива е голема поделеност помеѓу испитаниците, при што 26,6 % сметаат дека војната ќе трае повеќе години, 21,9 % до една година, додека 16,1 % уште неколку месеци;

34,5 % од испитаниците изјавиле дека војната во Украина ќе заврши со отстапување на дел од територијата на Украина на Русија; 15,3 % со целосна воена победа на Русија; 10,1 % со целосно повлекување на Русија од Украина и 8,1 % со целосна воена победа на Украина. Во оваа смисла, 29,7 % од испитаниците немале одговор на ова прашање. Со вкрстување на одговорите на испитаниците со нивната партиска афилијација, може да се забележи дека кај сите испитаници од сите политички партии најчестиот одговор е дека војната ќе заврши со отастапување на дел од териториите на Украина на Русија;

55,6 % од испитаниците сметаат дека поради војната во Украина, во иднина светот ќе се соочува со поголема нестабилност и со повеќе воени конфликти,  наспроти 20,5 % кои сметаат дека состојбите нема да се променат. Со вкрстување на одговорите на испитаниците со нивната партиска афилијација, може да се заклучи дека кај сите испитаници, независно од тоа на која партија се симпатизери, најчестиот одговор е дека војната во Украина ќе биде причина светот во иднина да се соочува со многу повеќе нестабилност и воени конфликти.

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher