Работилница
Details
Во рамки на одличната континуирана соработка, КАС и ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“ организираат настан наменет за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, со цел напредна обука за подобрување на вештините за комуникација со јавноста, отвореност и транспарентност. Настанот ќе се одржи од 16 до 18 февруари во Охрид.
Како своја темелна заложба, Фондацијата Конрад Аденауер силно се стреми кон поддршка на политичките претставници на граѓаните во највисоките преставнички тела за зголемување на нивните капацитети, отчетност, транспаретност и нудење мерки и политики за справување со предизвиците.
Тридневниот настан ќе се осврне на теми како што се градење визија и лидерство и транзиција кон новата пратеничка група по изборите, собраниски процедури и избори, улогата на пратениците во комуникацијата и соработката во рамки на изборните единици, креирање и споделување клучни комуникациски пораки, успешен пристап за јавен настап во интервју и јавна дебата, како и развој на стратегии и пристап кон дигитални медиуми.
Тренинг-семинарот ќе го отвори Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, а на официјалното отворање на присутните ќе се обратат и Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ; Марион Валсман, Пратеничка во Европскиот парламент и Стефан Андоновски, Секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред присутните свое излагање ќе имаат Ѓоргија Сајкоски, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, Гордана Димитриеска Кочоска, Владо Мисајлоски и Тимчо Муцунски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и заменик координаторките Дафина Стојаноска и Ели Панова, како и експерти од практиката на односите со јавност.