Почесни гости и говорници на 5. Македонско-германски форум беа Проф. Д-р. Норберт Ламерт, Претседател на Фондација Конрад Аденауер и поранешен Претседател на Германскиот Бундестаг (со обраќање преку видео-конференциска врска) и Горан Мисовски, Потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Свои поздравни обраќања имаа и Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер; Васко Наумовски, Претседател на Институтот за општествени истражувања - МК91 и Поранешен Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања и Ото Граф, Заменик амбасадор и раководител на економскиот оддел на Амбасадата на СР Германија во Северна Македонија.
На Панел-дискусијата на тема „30 години независност – улогата на Собранието во демократијата“ како говорници зедоа учество пратениците Александар Николоски, Претседател на Националниот совет за евроинтеграција; Арта Билали-Зендели, Заменик-претседателка на Комисијата за европски прашања; Дарко Каевски, Член на Националниот совет за евроинтеграции; Моника Зајкова, Член на Комисијата за европски прашања.
Покрај пратениците од Собранието, на панел-дискусијата зеде учество и Марион Валсман, Пратеничка во Европскиот парламент и Потпретседателка на заедничкиот парламентарен комитет на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
Модератор на дискусијата беше Јован Андоновски, Вонреден професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Претседателот на Фондацијата Конрад Аденауер, Проф. Д-р. Ламерт, се наврати на македонскиот Der кон европското семејство и порача дека фондацијата го поддржува овој процес веќе 20 години.
“Пристапните перспективи на Западен Балкан беа малку површно перципирани и водени, од некои држави во ЕУ дури и самото ветување го сметаа за поддршка, а други ги потценија промените кои ги направивте. Посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Тирана, јасно остави порака и до другите следни влади дека поддршката на преговорите со ЕУ мора да продолжи” кажа Ламерт.
Официјалниот претставник на КАС, Даниел Браун во своето поздравно обраќање го честиташе значајниот јубилеј 30 години независност на Република Северна Македонија и истакна дека независноста значеше и почеток на демократскиот парламент во земјата.
“Парламентот е најважното место каде се одвива дебата, а исто така не помалку важно е пратениците како претставници на граѓаните да водат дебати и да носат одлуки за доброто на сите граѓани” порача Браун.
Потпретседателот на Собранието Мисовски изјави дека Законодавниот дом работи посветено да ги исполни европските стандарди.
“Пратениците се сè поактивни во комуникацијата и со другите парламенти, затоа што ЕУ е најдобрата алатка за напредок. За жал се уште чекаме датум и тоа поради блокадата од Бугарија која не се однесува на реформите. Остануваме на својот курс” кажа Мисовски.
Европратениката Валсман порача дека парламентарната демократија значи и компромиси, да се најде мнозинство и да има интензивна дискусија помеѓу пратениците.
“Важно е да го засилите парламентот и парламентарната демократија. Мора да се гарантира дека правилата во Собранието се фер кон сите. Суверен и слободен парламент ја контролира Владата. Мора да има заеднички правила на игра за сите партии. Мора да бидете лица од доверба пред граѓаните. Јас сум благодарна што сум дел од Жан Моне дијалогот и што можеме да разговараме за грешките кои сме ги препознале” истакна Валсман.
Заменик амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф, потенцираше 3 точки за подобра работа на Собранието. Првата е дека реформите се многу важни, не само за членство во ЕУ, туку првенствено за граѓаните. Втората точка е етничкиот состав во Парламентот да не се гледа како пречка и последно е дека улогата на парламентот е многу голема и мора да се работи во корист на граѓаните.
Претседател на Националниот совет за евроинтеграција Александар Николовски изјави дека Германија е моторот на проширување на ЕУ и голем и најсериозен партнер на земјата.
“Германија е партнер на земјата во НАТО и сериозен инвеститор. Жал ми е што сегашната влада не ја продолжи политиката на привлекување на странски инвеститори за зачувување на младите во земјата”.
Заеднички заклучок беше дека Собранието мора да дејствува заеднички, без блокади и со консензус помеѓу партиите, а пример за тоа е гласањето на изборниот законик во Собранието. На дебатата се отвори и дискусијата за застапеноста на жените во парламентот, за улогата на младите во градењето политики, но и за историските договори на Северна Македонија кои ја отворија вратата за иднината на земјата.
Во рамки на 5. Македонско-германски форум беше промовирана и анализата „30 години независност“.