Катедра Аденауер претставува научно - образовна платформа на која студенти, експерти, претставници на академската заедница, како и носители на политички функции дискутираат и ги споделуваат своите гледишта околу актуелни теми од областа на Европската унија, генералните предизвици со кои се соочува европскиот континент, како и на теми поврзани со проширувањето на ЕУ и регионот на Западен Балкан.
Првата дискусија со наслов „Справување со ризиците - глобализација и зајакнување на европската надворешна политика“ се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на 04 октомври 2024 година.
Во рамки на дискусијата учесниците ги споделија своите гледишта кои се однесуваат на безбедносните и надворешните предизвици во Европа и пошироко, со особен фокус на земјите од Западен Балкан како и ЕУ перспективите на регионот. Како главен говорник на овој настан се обрати пратеникот во Германскиот Бундестаг Петер Баер.
Втората дискусија со наслов „Проширувањето и Западниот Балкан - Предизвици и можности“ беше организирано на 06 ноември во Офицерскиот дом во Битола.
На оваа дискусија учесниците истакнаа дека земјите од регионот на Западен Балкан треба посветено да работат кон исполнување на ЕУ стандардите преку суштински реформи, особено во доменот на економскиот развој, владеење на правото, борбата против корупцијата, како и кон зајакнувањето на регионалната соработка како клучни области за обезбедување на европската перспектива.
На 14 ноември со настанот на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на тема „Регионална соработка и европска интеграција – Агендата на ЕУ за Западен Балкан“ се одржа завршната дискусија во рамки на овогодишната Катедра Аденауер.
Во рамки на настанот се дискутираше за регионалната соработка и евроинтегративните процеси, како и за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Според учесниците регионалната соработка и спроведување на реформските агенди на земјите од Западен Балкан се дел од обврските кои произлегуваат од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и истовремено претставуваат можност за подобро усогласување на националните политики со европските стандарди и принципи.
Севкупно овогодишната Катедра Аденауер обезбеди платформа за опсежни дискусии и анализи за клучните предизвици и можности кои ги обликуваат иднината на Европската унија и регионот на Западниот Балкан. Дискусиите опфатија широк спектар на прашања, почнувајќи од справувањето со глобалните ризици и потребата за зајакнување на европската надворешна политика, преку анализирање на процесот на проширување и ефектите од овој процес врз Западниот Балкан, па сè до важноста на регионалната соработка како клучен фактор за успешна европска интеграција. Присутните ги споделија своите визии, искуства и согледувања за потребата за зајакнување на регионалната соработка, истовремено нагласувајќи ја улогата на ЕУ како двигател на демократскиот, економскиот и институционалниот развој на земјите од Западен Балкан.