Извештаи за настани
Како странски државјанин многу е тешко да се даде оценка за владеење на правото во туѓа држава. Досегашните мои искуства со македонските институции при добивање на работната дозвола, дозволата за привремен престој беа мошне позитивни. Според мене ако ја споредам земјава со државите во кои досега сум бил претставник на фондацијата, Македонија е многу далеку од тоа да се нарече нефункционална држава. Но, ова не значи дека нема потреба од силни институции, подобрување и реформи согласно препораките на Европската Унија.
Фактор: Вие во една прилика имате изјавено дека ви е чудно што македонските политички чинители не можат сами да ги решават внатрешните проблеми и секогаш бараат помош однадвор. Од друга страна, Еврокомесарот Јогханес Хан се залага меѓународни експерти да учестуваат во проверката на избирачкиот список за да се избегнат сомнеживе околу неговата веродостојност. Зошто досега не даваат резултатите меѓународните посредувања?
Повеќе пати имам изјавено дека навистина не разбирам зошто македонските политичари, политичари со добро образование, не можат да ги решат сами своите проблеми. Јас како граѓанин на Сојузна Република Германија би бил изненаден дури и лут доколку на моите политичари во Германскиот Бундестаг би им била потребна меѓународна помош за решавање на сопствените домашни проблеми.
Еврокомесарот Јоханес Хан како и сите политичари во ЕУ се длабоко загрижени за политичката криза во Македонија. Неговиот предлог би можел да се разгледа, но според моето скромно мислење Државната изборна комисија, независно тело со претставници од сите политички партии, добро си ја заврши својата задача и се изјасни дека избирачкиот список е прочистен и дека постојат предуслови за одржување на избори.
Задача на медијаторот е да посредува не да ги решава проблемите. Проблемите треба да бидат решени од страна на засегнатите учесници во преговорите.
Фактор: Дали имате впечаток дека за опозицијата главен столб за решавање на кризата се „странците“ и возможно ли е во сегашната поделеност во мкедонското ткиво домашните чинители сами да постигнат договор?
Како што реков што помалку „странци“ толку подобро за земјата. Тоа би требало да биде принципот на политички дијалог во секое поларизирано општество. Време е да се промени политичката култура во насока на изнаоѓање компромиси. Компромисот е клучниот збор за политички развој.
За мене како странец кој само ги набљудува работите е многу тешко да се разбере менталитетот „или си со мене или си против мене„. Животот не е само црно бел, има многу шаренило во него.
Фактор: Дали во преден план треба да биде лицитирањето со нови датуми за избори или исполнување на обврските од извештајот на Прибе? Откако СДСМ беше против одржуавње на изборите најпрво во април а потоа и во јуни, сега лидерот на СДСМ Зоран Заев смета дека тие би можеле да се одржат во октомври или следната година во март. Кое според Вас е остварливо сценарио?
За мене датумите не се многу важни. Важно е сите партии да изнајдат компромис по сите прашања и заедно да објават дека може да се одржат фер избори. Извештајот на Прибе и договорот од Пржино би можеле да бидат полезни алатки за исполнување на потребните стандарди.
Фактор: Како ја оценувате одлуката на претседателот Ѓорге Иванов напрво одлука за аболиција на 56 лица, за подоцна само делумно да го повлече решението. Дали ваквата одлука може да доведе во релаксирање на внатрешните состојби или дополнителни ќе ја продлабочи на политичката агонија?
Јас сметам дека Претседателот Иванов делуваше со силна верба со цел да се реши политичката криза. Но, можеби од правен аспект неговата одлука беше на граница на правна издржаност. Се надевам дека со ова кредибилитетот на институцијата Претседател нема да биде разнишана.
Фактор: Политичките елити не можат или не сакаат да го согледаат навлегувањето на криминалот во сите пори на општеството?
Корупцијата, непотизмот, кронизмот се предмет на дебата во секое општество. Суштествено е луѓето, граѓаните да ја увидат можната инфилтрација во општеството и да го казнат тоа искористувајќи го своето право да гласаат или да не гласаат, и самите тие попосветено да се ангажираат за подобро опшетство.
Фактор: Колку и каков начин политичката криза ќе ги доведе во прашање европските перспективи на Македонија?
Ние треба да бидеме искрени кон македонските граѓани. ЕУ самата е во криза и нејзините институции имаат потреба од реформи. Тоа значи дека дури и Македонија да ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори ќе биде тешко за ЕУ, за политичарите на ЕУ да им објаснат на сопствените граѓани, кои се заморени од проширување, зошто е потребно понатамошно приоширување на Унијата.
Фактор: Конрад Аденауер има исклучително блиски односи со ВМРО ДПМНЕ, голем дел од пратениците и градоначалниците ги поминаат политичките и академските обуки преку оваа фондација. Дали се чувствувате изневерени од резултатите и однесување на одредени партиски кадри кои имаат високи државни политички функции?
Како политичка фондација од Германија, финансирана од различни министерства, нашата примарна цел е политичкото образование на граѓаните. Тоа не го исклучува дијалогот со нам блиските партии. Фондацијата Конрад Аденауер е блиска со Демохристијанската Унија (ЦДУ) и Европската Народна Партија (ЕПП), чијшто член е ВМРО-ДПМНЕ. Од нашиот целосен буџет само 20% се наменети за образовни програми на партиско ниво. Од нашата мрежа од над 100 стипендисти само 26 се партиски активни граѓани. Социјалниот и општествениот ангажман се за нас поважни од партиската припадност.
Политиката значи дијалог. Без дијалог нема подобрување на состојбите. Како фондација немаме потреба да се извинуваме за дијалог со политичката елита. Не лутете се, но генерално јас никогаш не би го вперил мојот морален прст кон некого.
Фактор: Дали во Македонија е применлив гермaнскиот модел на партиска кохабитација при составување на Влада во која се и демохристијаните и социјалдемократите?
Општо копирањето на модели не е добра пракса. Секое општество треба да го пронајде сопствениот пат. Најидеално решение е модел, што одговара на потребите на граѓаните а ги зема во предвид менталитетот, историската позадина на регионот и искуствата.
Фактор: Не ли ви се чини интересен феномен за сомневањата околу поткупот и монополските позиции на Телеком. Истражни постапки се водени в САД и Германија а во местото каде што се изведени коруптивни трансакции, македонските органи молчат?
Мошне специфично прашање, на кое не би можел да дадам одговор. Не е важно во каков економски систем живеете, монополите се проблем за секое општетство.
Линк до оригиналната објава на порталот Фактор: http://faktor.mk/2016/06/10/ekskluzivno-intervju-johanes-rai-zhivotot-ne-e-tsrno-bel-ostavete-prostor-za-shareniloto/