Обуката беше отворена од страна на Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, кој истакна дека продолжува соработката помеѓу КАС и ВМРО-ДПМНЕ на повеќе различни нивоа. Воедно, тој истакна дека оваа соработка треба да придонесе кон подобрување на состојбите во општините. Браун ја подвлече поддршката која КАС ја дава за јакнење на капацитетите на повеќе структури од ВМРО-ДПМНЕ, како и директната поддршка кон градоначалниците со цел успешно управување во општините. Во контекст на функционирањето на локалната самоуправа во земјата тој посочи дека граѓаните очекуваат повеќе, дека можеби има проекти од претходните градоначалници со добра основа што може да се искористат, дека треба да се направи се за да се искористат ограничените ресурси во општинската администрација. Браун упати и апел за конструктивна соработка со опозицијата во рамките на општините, но и упати апел за вмрежување и подобра комуникација помеѓу самите градоначалници и ја истакна важноста за размена на искуства, како и за спроведување на заеднички проекти. Тој исто така потенцираше дека во Германија се смета дека локалната политика не е малата политика, таа е визит карта за градоначалникот, партијата, политиката. Како работите на локално ниво функционираат, односно начинот на справување со отпад, прашањата и проблемите од животна средина, инфраструктура, локалната администрација и останатите услуги, сето ова за граѓаните е одраз на начинот на функционирање на државата. Кога граѓаните немаат доверба во институциите, во локалната администрација, тогаш губат сите, сите партии и целото општество.
На отворањето, свое обраќање имаше и Дејвид Мекалистер, Потпретседател на Европската народна партија (ЕПП), кој преку видео-конференциска врска ја поздрави соработката помеѓу КАС и ВМРО-ДПМНЕ, со особен осврт на одличниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и големата победа. Таа победа, оцени Мекалистер, е резултат на разочараноста на луѓето од недостатокот на реформи на локално ниво, како и понудата и програмата на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Според Мекалистер „ Сега градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ја имаат шансата да ги променат работите на подобро во корист на граѓаните.“ Истакнувајќи ја важноста и на пристапувањето кон ЕУ, Мекалистер ја потврди поддршката на ЕПП кон ВМРО-ДПМНЕ и кон евро-интегративен пат на државата.
На отворањето, свое обраќање имаше и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, заблагодарувајќи се на соработката со КАС, истакна дека е огромна важноста од креирање успешни и квалитетни политики на локално ниво, особено во областите на економијата и инвестициите, заштитата на животната средина и дигитализацијата. Според Мицкоски, со цел решавање на проблемите на граѓаните потребно е домаќинско работење на градоначалниците, нулта толеранција за корупција, поттикнување на иницијативи на локално и регионално ниво за отворање нови бизниси, и успешното планирање и имплементација на ветувањата дадени пред граѓаните.
Пред присутните се обрати и Зоран Ставрески, поранешен Министер за финансии. Ставрески се задржа на два аспекти со кои се соочуваат градоначалниците – негативни макроекономски показатели како резулат на домашни и меѓународни фактори, како и прашањето на доброто владеење. Според Ставрески, економскиот лек треба да биде домаќинско постапување во прибирањето и трошењето на средствата, правилни политики и реализација на суштински проекти за граѓаните.
Поздравните обраќања ги заврши Стефан Андоновски, Раководител на ПИАЦ на ВМРО-ДПМНЕ „Љубиша Георгиевски“. Андоновски се осврна на визијата на истражувачкиот центар во организирањето на овој вид обуки, чија основна задача е да им послужи на градоначалниците во водењето на општините.
Во работниот дел од првиот ден, свое обраќање имаше Виктор Мизо, директор на КОСТАЛ, една од најзначајните германски инвестиции во државата. Мизо зборуваше за позиционирањето на општините во привлекување и менаџирање на странски и домашни инвестиции на нивната територија. Според Мизо, градоначалниците имаат сериозно влијание во привлекувањето и задржувањето на инвестициите во сопствените општини, преку намалување на потешкотиите за водење бизнис, административни процедури и наоѓање модалитети на поддршка.
Првиот ден го затворија со свое излагање Жарко Хаџи-Зафиров и Југослав Ѓоргиевски, претставници на Центар за правни истражувања и анализи – Скопје, кои се осврнаа на темата за надлежностите на локалната самоуправа во заштитата на животната средина. Говорниците се задржаа на креирање на политики и акциски планови на општините во овој дел, стратегии и методи за подобрување на инспекцискиот надзор, како и потребата од меѓуопштинско институционално организирање во делот на заштита на животната средина. Сето тоа, бидејќи, според говорниците, штетата кон животната средина не зависи од една конкретна локација, општина или држава, туку е поширок феномен, и така и треба да се пристапи кон решавање на овој проблем.
Вториот ден од обуката опфати квалитетни и мошне корисни презентации од претежно германски експерти од областа на економијата, проектниот менаџмент и заштитата на животната средина. Ралф Гилденцопф, Раководител на Секторот за стратешко планирање и урбан развој во градот Оберхаузен, кој се обрати преку видео-конференциска врска, се задржа на конкретни примери и стратегии за современо управување со градот. Гилденцопф особено се задржа на начините за надминување на предизвиците на промени во градот, и понуди современи и иновативни методи, стратегии и пристапи во водењето и реформирањето на општините.
Понатаму, Јоханес Хајдекер, Советник на Претседателот на Влада се задржа на аспектот на политички решенија за локален економски развој и креирање успешни локални економии. Тој особено се осврна на пристапи како еден град може да стане business friendly – преку подвлекување на економските реформи во локалната администрација и поддршка на локалниот туризам. Геролд Шнабел, Експерт за контрола на емисија од GIZ се задржа на Експертскиот фонд за општински партнерства во светот, како и обезбедување одржлив развој преку партнерства помеѓу општините. Клаус Рихтер, Раководител на проектот „ЕУ за општините“, пред присутните ги образложи најдобрите практики за развој на општините со средства од донатори, анализирајќи ги позитивните и негативните практики кои ги имаат апликантите, како и начините како истите да се подобрат.
На тема „Ефективни зелени политики на локално ниво“ Мила Јовановска од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина - Гоу Грин Скопје се задржа на предизвиците и на моменталната состојба во однос на животната средина, како и понуди модалитети и начини за унапредувањето на овие состојби.
Свое обраќање на последниот ден од обуката имаше Марија Василевска од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21, која зборуваше за потребата од дигитализација на услугите на општините. Василевска особено се задржа на придобивките и успесите во градењето активна дигитална заедница за поефикасна општина преку апликацијата „мЗаедница“.
Во вториот ден свое обраќање имаше и Александар Спасеновски од Правниот факултет, на присутните им ги презентираше одговорностите на градоначалниците во градење општини базирани на добро владеење и нулта толеранција за корупција. Презентацијата беше надополнета со презентација на Прирачникот за интегритет на Општина Аеродром, изработен во рамките на проектот на фондацијата Конрад Аденауер, Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и Општина Аеродром „Создавање европска општина: Политика на интегритет за 0 корупција“.
Во делот на заклучни согледувања на обуката, кон дискусиите се приклучија и Давор Пашоски, од Фондација Конрад Аденауер и Стефан Андоновски, Раководител на ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“. Овој дел опфати дискусија со градоначалниците во врска со потребите и приоритетите за создавање модерни општини. Во таа смисла неколку заклучоци и препораки беа донесени, како на пример беше заклучено дека од исклучителна важност за сите општини е да се детектираат разнолични извори на финансирање, како кредитни линии, зголемување на даночна база, проекти финансирани од донатори итн. Се потенцираше потребата за домаќинско и рационално трошење, со ставање акцент на имплементација на проекти кои се од витално значење за граѓаните (особено инфраструктурни проекти, но исто така и проекти кои се однесуваат на дигитализација на услугите на општините, заштитата на животната средина и сл). Исто така се предложи во следните обуки покрај градоначалниците да бидат вклучени и лица од нивните тимови со цел поефикасно градење на капацитетите и пренесување на знаењата и искуствата и на нив како важен сегмент во процесот на обезбедувањето на ефикасна општинска администрација. Беше заклучено дека градоначалниците треба да воспостават меѓусебна редовна комуникација со цел продлабочување на меѓу општинската соработка, вмрежување и споделување на позитивни искуства.
Обуката особено се осврна на креирање адекватни економско-социјални политики кои гарантираат зголемено ниво на економска активност во општините, ефикасна грижа за животната средина, одржлив локален развој, како и модерни дигитални стратегии за отчетност во работењето. Во таа смисла, КАС и ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжуваат со исклучително корисната заедничка соработка.