Настанот го отвори Даниел Браун, официјален претставник на КАС. Браун во својот говор истакна дека локалната политика не е "ниска политика", таа е всушност политика, преку која директно се доаѓа во контакт со граѓаните, со нивните потреби и очекувања. За тоа е потребна емпатија, можност да се понудат решенија, но пред се комуникациски способности како успешно би можеле да се водат локалните политики.
Според Браун локалната политика во Северна Македонија е соочена со многубројни предизвици на локално ниво, но особено како што тоа го покажаа последните месеци треба да се креираат политиките во областите на инфраструктурата, животната околина и здравството. Токму од тие причини фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија организира тренинзи за активни, но и заинтересирани политичари на локално ниво за да можат во иднина да се посветат токму на овие предизвици. Овие тренинзи се во соработка со политичкиот партнер, Алијанса за Албанците, со кој КАС веќе има изградено односи. На крајот Браун истакна дека како фондација се радуваме што сме во можност на овој начин да дадеме допринос за локалната демократија и нејзиното професионализирање.
Во својот говор пред кандидатите за време на оваа обука, претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, истакна дека партијата се чувствува одговорна при изборот на кандидати бидејќи е многу важно да се водат општините на правилен начин и да се зголеми квалитетот на животот на граѓаните. Според Села, заложба на Алијансата за Албанците ќе биде соодветна децентрализација на власта, со посебен акцент на фискалната децентрализација и здравството.
Вовед во работниот дел од обуката даде Марко Панковски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС), кој во своето излагање говореше за локалната самоуправа во земјата при тоа давајќи краток историски преглед и правна рамка на локалната самоуправа, ингеренциите и поставеноста на единиците на локалната самоуправа, за изборниот модел за локални избори, како и за општините во услови на Ковид-19. Неритан Сејамини од Универзитетот во Тирана одржа тренинг на повеќе различни теми поврзани со политичката комуникација, јавното говорење, креирањето на политички стратегии и водењето кампањи.