Семинар
Details
Обуката „Зајакнување на капацитетите на партиските подмладоци 2023“ се организира втора година по ред и има за цел да ги зајакне капацитетите за практични вештини потребни за ефективно креирање политики на подмладоци на политичките партии.
Имплементацијата на оваа обука е тесно поврзана со мисијата и визијата на RYCO, усогласена со експертизата и целите на ФЕС и КАС на терен и има за цел да поттикне активна соработка меѓу младите како основа за понатамошен локален и регионален развој. Учесници на обуката ќе бидат претставници од подмладоците на политичките партии кои имаат пратеници во Клубот за младински прашања и политики на Собранието.
За време на отворањето на обуката, поздравно обраќање ќе има Шерифе Исмаили, Програмски офицер на локалната канцеларија при Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO); Ваљон Садики, Програмски координатор на Фондацијата Фридрих Еберт и Давор Пашоски, Програмски менаџер на Фондацијата Конрад Аденауер.
Тренинг сесиите опфаќаат модули за приоритети и препораки на подмладоците на политичките партии за подобрување на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, заложби за подобра иднина на младите, улогата на медиумите и политичарите во создавањето на информирано гласачко тело, ефектот на домино и уништување на пазарот на квалитетни информации.
Понатаму, последниот ден од обуката ќе биде посветен на панел дискусија со претседателите и други претставници од највисоките раководства на подмладоците на политичките партии, каде учесниците ќе имаат можност да разговараат за унапредување на политиките за младинско учество и меѓусебна соработка.
Работни јазици на обуката се македонски и албански со симултан превод.