Настанот го отворија официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун (преку видео обраќање) и извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, кои ја нагласија важноста на оваа иницијатива за подобрување на новинарските практики во дигиталната ера. Работилницата привлече новинари, медиумски професионалци и експерти, кои заедно истражуваа како вештачката интелигенција (ВИ) може да се интегрира во редакциите, притоа зачувувајќи ги етичките стандарди и безбедноста на новинарите.
Програмата опфати интерактивни сесии и практични вежби водени од страна на Борис Ристовски, Мартин Петровски и Суад Сефери. Учесниците ги истражуваа основните концепти на медиумската писменост, идентификуваа дезинформации и манипулативни содржини, и ги користеа ВИ алатките за проверка на факти и создавање новинарски содржини. Исто така се разговараше за правните аспекти и етичките стандарди во користењето на ВИ.
Во текот на вториот ден, акцентот беше ставен на правните аспекти и сајбер безбедноста, при што учесниците дискутираа за техники за заштита од дигитални напади, децентрализирани технологии како Web3, и транспарентноста во употребата на ВИ. Оваа сесија отвори нови перспективи за медиумските професионалци, но и ја потенцираше потребата за адаптација на етичките стандарди во новите дигитални околности.
Последниот ден беше наменет за практични вежби каде што учесниците користеа ВИ алатки како ChatGPT и MidJourney за анализа на бази на податоци и создавање оригинални визуелни и текстуални содржини. Работата на реални сценарија им овозможи на учесниците да ги применат новостекнатите вештини и да добијат практичен увид во предностите на дигиталните технологии.
Со оваа работилница, КАС и ЗНМ ја потврдија својата посветеност на зајакнување на капацитетите на новинарите и медиумските професионалци во Северна Македонија. Оваа иницијатива има за цел да овозможи одговорно и иновативно новинарство, кое ќе обезбеди точни, етички и безбедни информации за јавноста, со што ќе придонесе за унапредување на медиумската сфера и демократското општество.