Asset Publisher

Извештаи за настани

Зајакнување на капацитетите на партиските подмладоци

Обука

Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и канцелариите на Фондацијата Фридрих Еберт (FES) и Фондацијата Конрад Аденауер (KAS) во Скопје, спроведоа тридневна обука на темата „Зајакнување на капацитетите на партиските подмладоци“ што се одржа од 23 до 25 септември 2022 година, во Охрид.

Asset Publisher

На почеток

Учесници на обуката беа 24 претставници на младински организации од 6 политички партии кои имаат претставник во Клубот за младински прашања и политики во Собранието - Алијанса за Албанците, Алтернатива, Демократска унија за интеграција, Либерално-демократска партија, Социјалдемократски Сојуз на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ.

На отворањето на обуката, поздравно обраќање имаше Владимир Ѓорѓевски, Раководител на локалната канцеларија во Скопје при Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), кој накратко го објасни функционирањето на RYCO како меѓувладина организација и нејзините цели. Потенцирајќи го создавањето на RYCO, како резултат на Берлинскиот Процес кој беше оформен во 2016, како и неговите активности поврзани со креирање на можности за младите да патуваат и да ги истражуваат земјите на Западен Балкан, да ги запознаат своите врсници и да соработуваат на заеднички проекти со кои го засилуваат младинското учество. Тој нагласи дека денешната младина е иднината на утрешнината и дека животот и успехот на државите се наоѓа во рацете на младите. 

Директорот за Северна Македонија и Косово на Фондацијата Фридрих Еберт, Рене Шле, ја истакна важноста на младинското учество во процесот на донесување на одлуки, правејќи паралела со Германија, каде младите имаат влијание и се важен фактор во процесот на донесување на одлуки во владата и каде одреден закон не може да биде донесен без учество на младите доколку не се интегрирани во гласачкиот процес. ‘’Токму поради ова, сакаме да ги зајакнеме капацитетите на партиските подмладоци во Северна Македонија, со цел да бидат важен фактор во процесот на донесување на одлуки и промени, и да ја зајакнат својата позиција’’ сподели Рене Шле од ФЕС.

Намерата позади заедничката организација на овој настан со подмладоците од сите политички партии има додадена вредност, бидејќи веруваме дека е од голема важност да се овозможат заеднички прилики во градење на нивните капацитети.

Во неговото обраќање, директорот на Конрад Аденауер за Северна Македонија и Косово, Даниел Браун сподели пример од Германија, каде не секогаш членовите на париските подмладоци се и членови на матичната политичка партија и каде што изборот на претседателот на партискиот подмладок се избира независно од партиското раководство. Следствено на ова, партиските подмладоци се самостојни организации кои делуваат независно од политичките партии.

Тој додаде дека е од неизмерна важност влезот на Северна Македонија во Европската Унија и дека тоа ќе придонесе да се зајакнат демократските вредности, човековите права и можности за развој и напредок на државата во сите области.

Во текот на првиот ден на обуката, учесниците имаа можност да добијат искуство и тренинг од младинскиот експерт Теодора Столеска, Извршна директорка на Младински образовен форум. Темите кои беа покриени се основи на дебатирање и јавно говорење.

За време на вториот ден од обуката, две работилници беа одржани од експерти во областа на онлајн-комуникација и говор без омраза, кои беа спроведени од Бојан Кордалов од Институтот за дигитална трансформација на Западен Балкан. Обуката овозможи едукација на учесниците да препознаат говор на омраза и како до ефективно онлајн комуницирање.

Во попладневната сесија, извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, ја спроведе обуката на тема: воената пропаганда и инфодемијата како закана и предизвик за локалната и регионалната безбедност.

Третиот ден од обуката беше посветен на панел дискусија со пратениците кои се дел од  Клубот за младински прашања и политики во Собранието. Учесниците добија директно искуство за младинско учество и соработка во процесот на донесување на одлуки од 6 претставнички од Клубот за младински прашања и политики во Собранието: Артина Ќазими од Алијанса за Албанците, Садије Садики Шаини од Алтернатива, Фиснике Бектиши Шаќири од ДУИ, Моника Зајкова од Либерално демократска партија, Санела Шкријељ од СДСМ и Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од Клубот за младински прашања во своите говори ја истакнаа важноста на младинското учество и соработка во процесот на донесување одлуки, охрабрувајќи да дејствуваат заеднички во застапувањето на младинските политики, нивната инволвираност во креирање на закони, стратегии и други иницијативи што можат да ја унапредат младинската политика во нашата држава.

Клубот моментално брои 13 членови и претставува неформално тело во Собранието. Пратениците од Клубот се тие кои ги застапуваат младинските политики и кои предложуваат закони, амандмани на закони, нови политики и иницијативи кои се во интерес на младите, беше речено за време на обраќањето. Тие во дискусијата исто така истакнаа дека се сложни во застапување на интересите на младите, без разлика на нивната политичка припадност. Со цел да бидат по инклузивни и достапни за младите, нивните активности се вклучуваат организација на состаноци со општинските претставници каде се инволвирани во дискусии со градоначалниците, младинските центри и други партнери со цел да се здобијат со подобро познавање за потребите на младите, како и можностите за решавање на проблемите со кои се соочуваат.

По дискусијата со Претставничките од Клубот, учесниците беа охрабрени да им пристапат со предлози кои ќе ги подобрат младинските политики и младинското учество во процесот на донесување на одлуки.

За време на последниот ден од обуката, учесниците добија сертификати за успешно и активно учество во програмата.

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher