Asset Publisher

Извештаи за настани

Ден на Европа 2024

Одбележување на Денот на Европа - 9 Мај

На 04 јуни 2024, се одржа настанот посветен на одбележувањето Денот на Европа – 9 Мај, во организација на Европско движење на Република Северна Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер. По поздравните обраќања се одржа и панел дискусија на темата „Иднината на проширувањето на ЕУ - Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската унија?“.

Asset Publisher

На почеток

Во своето поздравно обраќање, професорката Милева Ѓуровска, претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија истакна „Од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, Република Северна Македонија покажува изразена политичка и граѓанска волја за зачленување во Европската Унија, која веруваме дека нема да се промени и во наредниот период и ќе биде предизвик за новата влада. Ние, граѓаните, искрено се надеваме дека евроинтегративниот процес ќе биде сфатен, пред сѐ, како процес на реформи кои ќе им помогнат на институциите целосно да бидат во служба на граѓаните, институции кои се управувани од стручната фела и кои се посветени на јавниот интерес. Реформите не треба да бидат празна реторика за борбата против корупцијата и организираниот криминал, туку реалност која произлегува од законите и се ефектуира во практиките на носителите на јавни функции. Очекуваме дефектите на системот да бидат поправени“.

Официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун на отворањето на настанот истакна дека Конрад Аденауер е еден од основачите на Европската Унија. „Фондацијата Конрад Аденауер ја следи неговата традиција и во тој дух работи на поддршката на европската интеграција. Повеќе од две години на тлото на Европа имаме војна. Затоа е суштествено сите ние кои се залагаме за слободата, демократијата и мирот да бидеме единствени“.

Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Бен Нупнау во неговото поздравно обраќање потенцираше дека ЕУ сака да го внесе Западен Балкан поблиску и побрзо во унијата за да се зајакне заедничката безбедност и да се промовира просперитет. „Проектот на ЕУ не е комплетен без вас. Постојано велиме дека успехот кон интеграцијата е споделена одговорност. Дел од одговорноста кој припаѓа на Северна Македонија е на полето на реформите, главно во суштинските области како владеењето на правото и човековите права. Сето тоа го зголемува економскиот капацитет и отпорноста. Тешко е, но ќе биде корисно. Ќе ја поттикне довербата на граѓаните дека иднината е подобра. Треба да се преземат соодветни реформи. Земјите членки го донесоа својот план не само да се интегрира Западен Балкан кон единствениот пазар, туку и за соодветно членство во ЕУ“ рече Нупнау.

Во нејзиното воведно излагање претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова истакна „Ние отсекогаш историски географски и културно сме биле дел од Европа. Затоа велам дека не зборуваме за евроинтеграција, туку за реунификација. Очекувам ЕУ да не заборави на логиката и филозофијата на проширувањето оти тоа ја прави витална, тоа докажува дека е незаменлива. Се перцепираме како европјани, логично е и да бидете третирани како европјани. Третманот не го гледам преку ЕУ реториката туку ЕУ логиката во смисла на владеење на правото, компетитивна економија, независно судство, стручна и компетентна администрација, нешто што обединува“.

Зборувајќи за членството во ЕУ, претседателката Силјановска Давкова посочи дека мора да се тргне со суштински и сериозни реформи бидејќи излез немаме. „Бидејќи не е само сега критериум хомогенизацијата и хармонизацијата туку и имплементацијата. ЕУ треба соодветно да одговори. Ако сте кандидат од 2005 година, а денес сме 2024 се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто“, потенцираше Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека земјите од регионот треба да соработуваат и да се поддржуваат едни со други.

По делот на поздравни обраќања и воведното излагање на претседателката започна панел дискусијата на тема „Иднината на проширувањето на ЕУ -  Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската унија?“ која беше модерирана од страна на Катерина Синадиновска, Уредничка на ТВ магазинот „Агенда 35“.

Во рамки на дискусијата, амбасадорката на Сојузна Република Германија Петра Дрекслер рече дека се радува што никој не се откажа од чекањето за ЕУ. „Мора да се има доверба. Разбирам дека во вака долг пристапувачки процес понекогаш страда довербата. Едновремено и се чудам што процесот на интеграција не се сфаќа секогаш како процес на реформи. Основата за членство во ЕУ е процесот на реформи. Тоа значи дека земјата што пристапува мора да биде подготвена да се придружи на другите земји. Институциите на државата мора да работата ефективно, успешно да управуваат, да владее правната држава и успешно да се совладува корупцијата. Без такви реформи не може да постои обединета Европа“ рече амбасадорката Дрекслер.

„Западен Балкан и Северна Македонија спаѓаат во ЕУ. ЕУ говори со еден глас, никој не вели нешто друго. Сега е важно да се направи чекорот за отворање на преговорите, а едновремено да се одвиваат реформските процеси“, потенцираше Дрекслер.

Амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш порача дека неговата земја е силен поддржувач на регионот. Членството во ЕУ, според него е заеднички проект на кој што треба заеднички да се работи и дека не треба да се чека Северна Македонија сама да ги реши проблемите.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски зборуваше за Планот за раст кој смета дека доколку мудро се искористи ќе се преточи во изградба на нови училишта, градинки итн. „Ова е генерациска битка, битка да ги потврдиме вредностите кои во минатото беа декларативно кажувани и тоа ќе го постигнеме доколку испорачуваме по прашањата за кои граѓаните гласале на изборите - борба против корупцијата, економски реформи, реформи во администрацијата.“ рече Муцунски.

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ истакна дека треба да постои единство и како политички субјекти и како граѓани и да се направи заеднички концепт за она што го очекуваат граѓаните.

Потпретседателот на ДУИ, пратеникот Арбер Адеми оцени дека се потребни конкретни дела и исполнување на конкретни задачи за да се покаже дека сме за ЕУ. „Не да се залагаме за ЕУ само декларативно. Јасна е задачата - промена на Уставот“ изјави Адеми.

Претставникот на коалицијата „Влен“ и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари во своето излагање во рамки на панел дискусијата рече „Потрошивме огромен период посебно последните 20 години зборувајќи дека сакаме да бидеме дел од европското семејство, но што направивме за тоа. Наназад 20 години многу малку европски работи направивме за да покажеме дека искрено сакаме таму да бидеме. Над една третина од жителите си одат поради недоверба во институциите. Прво треба да ја вратиме довербата во институциите на системот, а второ, да се обезбеди правна држава. Да не зборуваме многу, да направиме многу“, истакна Таравари.

Во рамките на настанот, Европското движење во Република Северна Македонија на актуелниот шеф на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир му додели плакета за неговиот придонес за евроинтегративниот процес, а за Европска личност за 2023 година беше избран оперскиот уметник, Благој Нацоски.

Во вториот дел од настанот се одржа Младински клуб на тема „Младите и демократските вредности: Дали сакам, дали можам и како да бидам активен граѓанин?“, во рамките на кој се одржа ораторски натпревар, младинска дебата како и квиз на знаење за ЕУ.

Прво место на ораторскиот натпревар го освои Ева Нешкоска од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, второто место припадна на Антонио Чоневски исто така од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, додека третото место го поделија Амина Гафури од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и Искра Постолова од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Првото и второто место на квизот за знаење им припадна на Алексеј Стојановиќ и Иван Христов од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ а на трето место се пласираше Марин Ивчески од Меѓународното училиште „НОВА“ во Скопје.

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher